1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот градоначалник од АфД во Германија

ЖА / агенции
3 јули 2023

Десно популистичката АфД прв пат доби избран градоначалник – земјоделецот Ханес Лот победи во Рагун-Јесниц во покраината Саксонија-Анхалт во вториот изборен круг.

https://p.dw.com/p/4TL37
Ханес Лот градоначалник во Рагун-Јесниц Германија
Земјоделецот Ханес Лот од АфД стана градоначалник во Рагун-Јесниц во покраината Саксонија-АнхалтФотографија: Sebastian Willnow/dpa/picture alliance

42-годишниот пратеник во покраинскиот парламент Ханес Лот ќе биде нов градоначалник во малиот град Рагун-Јесниц, во округот Анхалт-Битерфелд, откако во вториот изборен круг извојува победа над непартискиот кандидат Нилс Нојман. Според неофицијалните резултати, Лот добил 51,13 проценти од гласовите, а неговиот противкандидат – 48,87 проценти.

Уште во првиот изборен круг на средината на јуни, Лот беше во водство, но тогаш ниеден од четворицата кандидати не успеа да освои апсолутно мнозинство од гласовите. Досегашниот градоначалник на Рагун-Јесниц, Бернд Марбах, кој не припаѓа на ниедна партија, пролетоска предвремено се откажа од функцијата од здравствени причини.

Нилс Нојман избори за градоначалник во Рагун-Јесниц
Непартискиот кандидат Нилс Нојман добил 48,87 проценти од гласовите на изборот за градоначалник во Рагун-ЈесницФотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Лот, како и неговиот противкандидат Нојман, е израснат во Рагун-Јесниц. Тој е земјоделец и бил раководител во аграрно претпријатие, а од 2016 година е пратеник во покраинскиот парламент од редовите на десно популистичката Алтернатива за Германија. Во изборната битка тој фокусот го ставаше на комунални теми, залагајќи се за поддршка на земјоделството со субвенции и за подобрување на опремата на противпожарната служба.

Право на глас во малото гратче имаа околу 7800 жители, а излезноста изнесува 61,51 процент.

Роберт Зеселман  АфД Зонеберг
Роберт Зеселман од АфД беше избран за окружен началник во Зонеберг во покраината Тирингија, на фотографијата со Бјерн Хеке и Тино ХрупалаФотографија: Jacob Schröter/IMAGO

За АфД, градоначалничкото место во Рагун-Јесниц е втора истакната функција во јавната администрација на локално ниво, по функцијата на окружен началник во Зонебергво источната германска покраина Тирингија, на која беше избран Роберт Зеселман пред неколку дена. Тоа дополнително ја разгоре дебатата околу подемот на Алтернатива за Германија, чиј моментален рејтинг изнесува околу 20 проценти на сојузно ниво и се најде дури и пред германската владејачка партија на канцеларот Олаф Шолц, СПД.

Службата за заштита на уставниот поредок во Тирингија го има класифицирано тамошниот покраински огранок наАфД како „докажано десно екстремен“, а на сојузно ниво Служба за заштита на уставот на Германија ја води партијата како сомнителен случај за десен екстремизам.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема