1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали се оправдани протестите против енергијата од ветер?

Геро Руетер
18 февруари 2023

Енергијата од ветер е неопходна за заштита на климата, но има и протести против неа. Критичарите сметаат дека турбините на ветер се грди, лоши за здравјето, па дури и штетни за животната средина. Што велат фактите?

https://p.dw.com/p/4NEyB
Колку се оправдани протестите против ветерната енергија?
Колку се оправдани протестите против ветерната енергија?Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Дали енергијата од ветер го расипува пејзажот?

Ветерните турбини несомнено ги менуваат пејзажите. Кулите се сѐ повисоки, врвовите на крилата на роторите достигнуваат и до 250 метри. Кога времето е добро, светло сивите системи се гледаат оддалеку. Но, ова важи и за другите структури во енергетскиот систем: за да се ископува јаглен се уриваат села и се сечат шуми, високонапонски столбови има насекаде. Оџаците и разладните кули на електраните се издигнуваат до 200 метри, чадот и водената пареа се издигнуваат неколку километри. Дури и ако некои негодуваат поради турбините на ветер, тие, за споредба, се барем чисти и не испуштаат ситна прашина, жива или ЦО2.

Во густо населената Германија, каде што добивањето енергија од ветер, во глобална споредба, е многу напредно и веќе покрива речиси една третина од домашните потреби за електрична енергија, турбините на ветер се многу прифатени. 80 отсто од населението смета дека натамошното проширување на добивањето енергија од ветер е „прилично важно“. 47 отсто од германските граѓани сметаат дека поставување турбини на ветер  во нивното соседство е добро или многу добро, 62 отсто се залагаат за соларен парк, 5 отсто претпочитаат нуклеарна централа, а 4 отсто - термоцентрала.

Ветерна латерна

Дали бучавата од ветерниците разболува?

Кога има многу ветер, во турбината на ветер станува гласно. Под целосно оптоварување, на височина од 100 метри се генерираат до 105 децибели (dB), што одговара на гласноста на еден багер. На растојание од 250 метри од ветерната турбина, јачината е околу 45 dB. Тоа одговара на јачината на звукот на шума која шумоли или на еден тивок стан. На растојание од 500 метри, нивото на звукот паѓа на 40 dB, што одговара на јачината на звукот на слаб дожд.

Светската здравствена организација за населените подрачја препорачува максимална бучава од ветерните електрани од 45 децибели. Во Германија, бучавата во населените области не смее да надмине 40 dB ноќе и 55 dB во текот на денот - тоа е гласно колку и вообичаениот сообраќај. Ова е уште една причина зошто ветерните паркови може да се градат само на соодветно растојание од населените подрачја.

Покрај тоа, турбините на ветер произведуваат многу длабоки тонови со многу ниска фреквенција од под 20 Херци, таканаречен инфразвук. Човечките уши не можат да слушнат толку ниски звуци. Инфразвукот се создава и од водопади или од машини, возила, греалки, пумпи и клима уреди.

Противниците на ветерната енергија стравуваат дека инфразвукот од турбините на ветер е штетен по здравјето. Сепак, студиите покажуваат дека инфразвукот од турбините на ветер е значително помал од, на пример, од автомобилскиот сообраќај. Затоа, врз основа на сегашната состојба на истражувањата, експертите исклучуваат ризик по здравјето од инфразвукот од турбините на ветер.

Колку се гласни ветерните турбини?
Колку се гласни ветерните турбини?

Дали енергијата од ветер им штети на птиците и природата?

Ветерните турбини се интервенција во природата. Имаат фундамент од цемент длабок еден метар, со што ја запечатуваат земјата, исто како и зградите и патиштата. Перките можат да убиваат лилјаци и птици кои летаат високо. Со ова се нарушува заштитата на видовите, велат дел од противниците на ветерната енергија и по оваа основа ги тужат централите.

Со цел да се надмине климатската криза и да се зачува биодиверзитетот, еколошките организации повикуваат на проширување на користењето енергија од ветер. Бидејќи успехот на енергетската транзиција е „исто така од суштинско значење за долгорочното зачувување на биолошката разновидност“, се вели на пример во документ на германските еколошки здруженија.

Со добро планирање би требало да се избегнат проблеми за природата колку што е можно повеќе. Не треба да се градат системи во особено вредни природни резервати. Наместо тоа, во планирањето може да се земат предвид областите кои се веќе контаминирани, како што се поранешните рудници за јаглен или интензивно користените земјоделски површини, па дури и неприродни зимзелени шуми (терминот неприродни се зема условно, а така се нарекуваат шумите кои не се во хармонија со природата, не се ориентирани кон природните услови).

Модерните ветерни турбини, освен тоа, ги загрозуваат лилјаците и птиците значително помалку од старите турбини. Од една страна, затоа што се многу повисоки и животните обично летаат под роторите. Освен тоа, сега има безбедносни механизми: ветерните турбини во областите каде што има лилјаци се опремени со сензори и роторот запира ако животните се приближат премногу.

Друга техника користи паметни камери за откривање на големи птици грабливки, како што се високолетачките орли. Системите се исклучуваат автоматски за да се избегнат судири.

Што ги убива птиците?
Што ги убива птиците?

Според проценките на Германскиот сојуз за заштита на природата (НАБУ), турбините на ветер во Германија убиваат повеќе од 100.000 птици годишно. Меѓутоа, во споредба со другите опасности, овој ризик е релативно мал.

Илјада пати повеќе птици (околу 108 милиони) во Германија умираат секоја година на стаклата од зградите, 700 пати повеќе од судири со автомобили, камиони и возови (70 милиони), 20 пати повеќе од далноводи (2 милиони) и 10 пати повеќе поради лов (1 милион). А домашните мачки само во Германија годишно убиваат 60 милиони птици.

Сепак, според НАБУ, убедливо најголемата закана за птиците е индустриското земјоделство. Поради тоа што поради монокултурите и пестицидите бројот на инсекти масовно опаѓа, има сѐ помалку храна за одгледување млади птици. Во Германија, во последните децении на тој начин исчезнале 13 милиони парови птици за размножување (15 проценти), што одговара на преку 170 милиони помалку млади птици годишно.

Дали ветерната енергија е несигурна?

Има денови без ветер, кога роторите мируваат и не произведуваат струја. Затоа, за сигурно снабдување со енергија се неопходни и други извори на енергија и начини на складирање на електрична енергија.

Норвешка и Костарика веќе сега ги покриваат сите свои потреби за електрична енергија со обновливи енергии. Покрај ветерната енергија, тоа се хидроенергијата, геотермалната енергија, биомасата и фотоволтаиците.

Овие чисти извори на енергија можат да ја надополнат ветерната енергија и во други региони во светот. Енергетскиот микс зависи од локацијата. На некои места се потребни и електрани со зелен водород и батерии.

Енергетски микс во Германија (2021 година)
Енергетски микс во Германија (2021 година)

Дали профитираат само богатите?

Голема турбина на ветер (6 MW) на копно денес чини меѓу 8 и 12 милиони евра и произведува електрична енергија по цена од 4 до 8 центи за киловат час.

Изгледите за заработка со ветерни турбини се многу добри, можни се добивки од над 10 проценти. Од тоа профитираат големите корпорации, како и општинските комунални претпријатија и локалните граѓански задруги. Негодување против турбините на ветер има доколку локалното население не е вклучено во сето тоа и не учествува во профитот. Затоа неретко пропаѓаат проекти на инвеститори од надвор.

Високо ниво на прифаќање има кога мештаните имаат дел од заработувачката и кога можат самите да инвестираат во ветерните системи - тоа започнува со акции за неколку стотини евра. Согласноста на локалното население е голема и ако заедницата заработува од даноци од паркот со ветерници и го користи за финансирање на градинка, на пример.

Ветерни паркови со учество на граѓаните сега има во многу земји низ светот, а особено многу има во северна Германија. Руралните заедници на ветерната енергија гледаат и како можност да се обезбеди просперитет со нови работни места.